База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Петметарски споменици на револуционерите Гоце Делчев и Даме Груев, качени на коњи, се поставени во мај 2010 година.
Револуционерот Гоце Делчев претставен како учител, а Даме Груев облечен во револуционерна облека со пушка-манлихера во десната рака, се поставени на двете страни од Камениот мост на плоштадот „Македонија“.
Спомениците, меѓу првите излеани во леарницата „Фердиндо Маринели“ од Фиренца, со помош на камиони и со обезбедување биле транспортирани до плоштадот околу три часот по полноќ, без претходна најава. По реакциите во медиумите и од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нивното поставување треба да се искористи како „повод за градење национално единство“.
Даме Груев и Гоце Делчев се првите монументални споменици поставени во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Одлуката за леење во бронза на Гоце Делчев и на Даме Груев е донесена на 3 јуни 2008 година. Тогаш било предвидено да се издвојат осум милиони денари, но 15 дена подоцна Одборот за подигање на спомен обележјата констатира дека овие средства не се доволни и бара да се зголемат од 8 на 55 милиони денари, што било прифатено од тогашната градоначалничка Виолета Аларова.