База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Двата бронзени лава на авторот Константин Јанев се поставени на мостот „Гоце Делчев“ во август 2010 година.
Секоја од скулптурите, поставена на постамент со релјефи излеани во брозна, што поради својот изглед во јавноста предизвикаа полемика и споредување со „роботи-трансформери“, е висока пет метри и тешка 5,5 тони.
Константин Јанев за идејното решение на конкурс добил награда од 3.000 евра, а откупни награди од по 1.500 евра им се дадени на Ристе Пуцевски и на Дарко Базерко.
Лавовите на Јанев се поставени само неколку недели по скулптурите на двата лава и од авторите Дарко и Елена Дуковски од другата страна на мостот.
Четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ се посочени во Вториот извештај за Скопје 2014 на Слаѓана Тасева и на Драган Малиновски изготвен по барање на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски како пример за проблематични исплати и оштетување на буџетот на општината.
„Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај двата лава, тој требало да изработи и 34 квадратни метри релјефи, но од записникот за примопредавање произлегува дека изработил за 5,92 квадратни метри помала површина. Но, оваа сума не е и конечната штета по буџетот на општината, бидејќи во тендерската документација за леењето на релјефите на четирите лава предвидена е вкупна површина од 74 квадратни метри, а излиени се 17,84 квадратни метри помалку. Вкупната штета за општината, само по основа на овие релјефи изнесува 151.560 евра“, се констатира во Извештајот.