База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Катната гаража „Разловечко востание“ е пуштена во употреба на Илинден, 2 август 2014 година.
На свеченоста по тој повод присуствуваше и премирот Никола Груевски кој рече дека ваквите објекти „придонесуваат Скопје да стане модерен и функционален град“.
Оваа гаража, една од неколкуте што во релативно краток период се изградени во Скопје, има модернистички изглед.
Лоцирана е во строгиот центар на градот, веднаш до „Работничкиот дом“ во Скопје.
Се протега на вкупна површина од 23.000 квадратни метри, од кои 20.000 квадратни метри се наменети за паркинг простор, распоредени на девет надземни и едно подземно ниво, со што се обезбедуваат вкупно 516 паркинг места.
Останатиот дел е наменет за деловен простор. Според најавите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое стопанисува со објектот, цените за изнајмување на деловниот простор се 20 проценти пониски од закупнината на деловниот простор во тој дел од градот.