База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на Кузман Јосифовски - Питу е лоциран во близина на споменикот „Македонските бранители“, во паркот „Жена-борец“.
Иако паметникот на еден од главните организатори на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија, не е на првичниот список на проектот „Скопје 2014“, на иницијатива на Министерството за култура, советниците на општина Центар даваат зелено светло за подигање на овој и на уште десетина други спомен-обележја на македонски историски личности.
На конкурсот за овој споменик се јавиле 16 автори. Прва награда добил Жарко Башески од 200.000 денари. Втора награда од 120.000 денари добил Ангел Коруновски, а трета, од 60.000 денари, Владо Павлески.
Споменикот е поставен во април 2013 година, заедно со уште четириесетина други од проектот „Скопје 2014“, непосредно по локалните избори кога дојде до промена на власта во општина Центар, каде што по неколку прегласувања победи кандидатот на опозицијата Андреј Жерновски.
Пред поставувањето на овој споменик, општината Карпош истата изборна година, во населбата Козле постави друг споменик на Кузман Јосифовски - Питу, при што градоначалникот Стевчо Јакимовски ја обвини централната власт дека ги запоставува револуционерите од НОБ.