База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Постаментите на спомениците во голема мера го отсликуваат односот на идејните творци на проектот „Скопје 2014“ во однос на финансиската транспарентост и уметничката слобода.
Постаментите се набавувани на три јавни тендери, во јануари и септември 2009 година и во ноември 2010 година, потпишани од општина Центар и градежната компанија „Бетон“.
Карактеристично е дека во договорите со „Бетон“ не се наведува за колку постаменти се однесува склучениот договор, како и фактот дека цената на чинење на постаментите речиси никогаш не се наведува во сумата потрошена за еден споменик.
Дополнително речиси сите постаменти, без разлика на нивната композиција и стилот на изведбата, се со иста основна концепција, габарит и употребен материјал. Изведени се од полиран травертин, со заоблена профилација, дополнети со бронзени релјефи од страните.
Познавачите упатуваат дека ваквата унифицираност укажува на одредена „заедничка платформа“, односно на однапред зададени стилски и други параметри кои им се наметнати на авторите на статуите, со што практично е задушена нивната креативност.