База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Скулптура „Починка“ од авторот Ангел Нацевски е поставена на кејот на Вардар и е дел од првите зафати во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Станува збор за скулптура со димензии 3х3х2 метри, изработена од вештачки мермер со гранула која беше избрана на конкурсот на Министерството за култура за поставување 35 скулптури во централното градско подрачје, што беше најавено како културна офанзива.
„Скулптурата во Скопје со години била запоставувана и маргинализирана, во споредба со главните градови во другите балкански земји. Скопје е град без или со многу малку скулптури. Ќе внесеме свеж квалитет во културното секојдневје, кој и едукативно ќе влијае на граѓаните “ изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска промовирајќи го јавниот конкурс во 2008 година.
Ангел Нацевски е еден од педесетината уметници што се јавија на конкурсот и еден од 26 што добија можност да ја матерјализираат својата идеја. Понудените дела ги избираше стручното жири, со кое претседавал архитектот Митко Хаџи Пулја, во кое членувале скулпторите Васил Василев и Гоце Наневски.
Покрај парична награда од 30.000 денари, што согласно конкурсот на Министерството ја добива секој од избраните автори, за изработка на скулптурата на Нацевски му се исплатени нешто помалку од 10.000 евра.