База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Скулптурата „Семејство“ е поставена во централното градско подрачје на улицата „Македонија“.
Автор на скулптурата излеана во бронза на која се претставени фигури на маж, жена и на дете е Бранко Јакшиќ.
Станува збор за дело избрано на конкурс распишан од Министерството за култура за триесетина уметнички инсталации или скулптури во рамките на првичниот бран на проектот Скопје 2014.
„Семејство“ е поставено на само неколку метри оддалеченост од скулптурата „Бик“. По реакциите во јавноста дека проектот за 35 нови скуптури кои беа поставувани во краток временски период и на релативно мал простор во централното градско подрачје се огласи Министерството за култура со јавна реакција во Утрински весник.
„Сметаме дека со реализацијата на овој проект го надополнивме евидентниот недостиг од скулптурата како решение на централното градско подрачје. Целта ни беше да се разубави градот, да се облагороди просторот и да се внесе разновидност во нашето секојдневје“, соопштија тогаш од министерството.
Како и на другите автори од првичниот бран на проектот „Скопје 2014“ освен првата награда од стручното жири во висина од 30.000 денари, за изработка на скулптурата му се исплатени дополнителни средства.
Скулптурата се уште се наоѓа на местото на кое беше поставена во август 2009 година.