Во пресрет на 100-годишнината од нејзиното раѓање, во јануари 2009 година свечено беше отворен Спомен домот на Мајка Тереза.
Спомен домот е изграден пред влезот т.е. челната фасада на Домот на АРМ на истото место каде што во минатото постоела католичката црква „Пресвето срце Исусово“, во која била крстена најпознатата скопјанка, родена како Гонџа Агнес Бојаџиу.
Објектот има статус на културно наследство, иако предизвика дебата и поделени мислења во јавноста поради идејното решение на авторот Вангел Божиновски.
Тој ја доби можноста да ја конципира Спомен куќата на Мајка Тереза на повторен конкурс на Министерството за култура.
На првиот конкурс во 2007 година, на кој се јавиле 27 труда, за првонаградено решение е избрана идеја на странски автор, Јорге Марум од Португалија, кој доби парична награда од 300 илјади денари.
Втората награда, Комисијата ја додели на идејното решение на Андријана Јовановиќ- Савиќ за што е наградена со 200 илјади денари, а третата награда во износ од 100 илјади денари на Карлос Диаз и Луис Гомис од Барселона.
Решението на Божиновски, од страна на стручната комисија тогаш се оцени како „проблематично“ во однос на вклопеноста во постојното урбано ткиво.
По ова, Министерството за култура распишува втор конкурс со нови услови и овојпат како првонаградено е прогласено решението на Божиновски, што предизвика и петиција на група студенти од Архитектонскиот факултет.
„Непотребно нагласениот наративен пристап – стара македонска куќа и тоа, верувале или не, со дворче со авлија (!) пред која Мајка Тереза би требало да изгледа како да е застаната пред порти (!?) е сосема излишен и апсолутно нема никаква потреба од претставување на македонската куќа на такво јавно место, кое целосно ќе ја деградира околината затоа, што е вон контекст со сите објекти околу“, се наведува, меѓу другото, во петицијата.