База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот „Незнаен војвода на коњ“ излеан во бронза, висок пет метри, е поставен во раните утрински часови на 26 јуни 2012 во скопската општина Кисела Вода.
И со овој споменик, како и во случајот на спомениците на Александар Македонски и Филип Втори, првично се избра официјален назив зад кој се затскрива вистинскиот лик што го претставува.
Подоцна на спомен-обележјето е поставена табла која дефинира дека ликот ја претставува контроверзната личност од македонската историја - Тодор Александров.
Под негово раководство во период од 1920 до 1924 година, Внатрешната македонска револуционерна организација - ВМРО извршила повеќе акции и атентати. Во овој период биле ликвидирани голем број значајни дејци на македонското револуционерно движење, меѓу кои и еден од најистакнатите членови и идеолози - Ѓорче Петров.
Покрај убиствата на дејци од македонското движење, ВМРО на Тодор Александров е најверојатно вмешана во убиствата на истакнати бугарски политичари, меѓу кои и на тогашниот бугарски премиер Александар Стамболиски.
По поставувањето на споменикот, опозицијата критикуваше дека се величаат контроверзни личности од македонската историја, додека тогашниот градоначалник на општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, се изјасни како личен почитувач на ликот и делото на Александров.