Скулптурата „Три врби во реката Вардар“ од авторката Искра Димитрова, заедно со Порта „Македонија“ е најскапиот проект од конкурсот на Министерството за култура за 35 скулптури во централното градско подрачје.
За разлика од повеќето избрани скулптури на јавниот конкурс на Министерството кои беа поставени главно во 2009 година, реализацијата на „Трите врби“ почна две години подоцна.
Поставувањето три стебла во три армирано-бетонски жардиниери во форма на квадратни призми, под агол од 45 степени во однос на течението на Вардар, обложени од надворешната страна и горната површина на ѕидовите со полиран инокс, предизвика полемика во јавноста за нејзината основаност и оправданост.
„Врбите се уметничко дело, а не садници“, одговараше авторката на обвинувањата, која во 2012 рече дека целиот проект чини 250 илјади евра кои „не се потрошени само за садници туку за целиот проект“.
Година дена подоцна, сумата за „Трите врби“ , во отчетот за „Скопје 2014“, министерката за култура ја зголеми на 278 илјади евра, меѓутоа согласно документите, таа е поголема, бидејќи во неа не се вкалкулирани анекс договорот за изведување на дополнителни работи, а и сумата за основниот договор е помала.
Имено, со оглед на тоа што Димитрова на конкурсот на Министерството доби можност за реализација на две дела, во договорот е предвидена сума од околу 50 илјади евра од кои за изработка на втората скулптура на Димитрова - „Грмушка“ потрошени, според министерката, 6 илјади евра.