База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Камен темелникот на новата административна зграда, чиј инвеститор е Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката беше поставен во септември 2015 година од страна на премиерот Никола Груевски.
Во новата зграда, чија изградба треба да заврши кон крајот на 2017 година ќе биде сместено АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Објектот ќе биде на 6 ката со 6.400 квадратни метри административен простор и 9 деловни простории од 408 квадратни метри.
Стартот на градежните работи започна на 8 септември – денот на независноста на Македонија.
„Проектите како овој се одличен чекор напред кон модернизација на државниот апарат. Во таа насока од година во година го намалуваме бројот на институции за кои се плаќа кирија, сместени во дотраени објекти од времен карактер и во кои е тешко да се обезбедат добри услови за работа. Тоа значи и постепена промена на сликата на државната администрација“, рече Груевски на денот на поставувањето на камен темелникот.
Новиот објект, според првичните најави, требаше да чини 8,4 милиони евра.
Проектната документација ја работела фирмата „Архитектоника“ на која ѝ се исплатени над 141 илјади евра. Идејното решение е на Жарко Чаушевски, директор на „Архитектоника“, кој ја добил втората награда на конкурсот за идејно решение во вредност од 200.000 денари или 3,2 илјади евра.
На електронската аукција за изградба на објектот најниска цена од околу 520 милиони денари поднело Друштвото за производство, трговија градежништво и услуги ДЕКОН-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, кое било избрано за најповолен понудувач.