База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Зградата „Пелагонија“ на плоштадот „Пела“ со одлука на Град Скопје добива барокна фасада во рамките на Програмата за реконструкција и доградба на објекти од централното градско подрачје.
За овие измени на изгледот на фасадите, како што соопштија од Градот, е добиена претходна согласност од станарите и сопствениците на деловните простори во зградите.
Идејата за менување на фасадите на модерните згради во барок датира од почетокот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, но на првиот тендер избор на идејно решение за зградата на „Пелагонија“ во 2011 година никој не се јавил.
На вториот конкурс истата година како првонаградено е избрано идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов.
Во 2014 година во реконструкцијата на оваа фасада се вклучи и фирмата која е сопственик на зградата „Д-р Пановски“.
Акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјали „Д-р Пановски“ предложиле до Градот нов проект за изведба на реконструкцијата.
Проектот е изработен од „Градежен институт Македонија“, предаден му е на Градот без надомест, затоа што, како што рекоа, „реконструкцијата на објектот е заедничка определба на градската самоуправа и на сопствениците на објектот“. Новиот проект беше усвоен од страна на советниците на Град Скопје.
Градежните работи ги изведува трговското друштво „ЛСГ Билдинг Солушнс“ од Скопје, кое доставило најниска цена во конкуренција на шест компании.