Промената на објектот на фасадата на Владата, авторско архитектонско решение кое во свое време беше наградувано, е една од најпроблематизираните интервенции во рамките на „Скопје 2014“.
За промена на фасадата, Владата употреби еден специфичен метод што во самиот старт беше критикуван.
Имено, Владата на својата интернет страница спроведе онлајн анкета во чијашто автентичност веднаш се посомневаа критичарите на проектот „Скопје 2014“.
Нивните аргументи беа дека со таквата онлајн анкета, практично, јавноста се става пред свршен чин - да избира меѓу понудените решенија и на тој начин да ја легитимира одлуката за измена на авторското дело на архитектот Петар Муличковски.
Тој од своја страна, во изјава за медиумите, изјави дека не се согласува со намерата да се измени изгледот на објектот, дека како автор имал право да даде свое мислење и согласност, но дека тоа од него никој не го побарал.
„Не го одобрувам ова решение и не давам согласност тоа да се реализира“, изјави седум дена по завршувањето на интернет анкетата архитектот Муличковски, зголемувајќи ги во јавноста и медиумите критиките на ваквиот потег.
Како дополнителен аргумент се посочуваше тоа што на интернет анкетата со 32% гласови победи идејното решение на Филип Богатинов и Жарко Чаушевски, кој е автор на доста објекти изградени во рамките на проектот, сите во препознатлив барокен стил.
Конкурсот е затворен на 27 јануари 2012. Девет дена подоцна, на 5 март фирмата „Архитектоника“ на Чаушевски, по пат на преговарање, без претходно објавување оглас, го склучува договорот за изработка на основен проект за реконструкцијата.
Шест месеци по овој, фирмата на Чаушевски склучува и договор за изработка на идеен и ревидиран основен проект. Во договорот е наведено дека „Архитектоника“ е избрана меѓу седум понуди по пат на електорнска аукција
Отпорот кон интервенцијата врз објектот на Владата се манифестираше и за време на протестите во мај 2015, кога демонстрантите извикуваа „Ружна ви е Владата“, фрлајќи јајца врз нејзината фасада.