База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Мостот „Слобода“ е еден од најстарите скопски мостови на реката Вардар, лоциран кај хотелот „Холидеј ин“, кој сосема е изменет со новата ограда во барок.
Не само изгледот на оградата туку и цената за нејзината изработка, поставувањето и илуминацијата предизвикаа жестоки критики во јавноста која протестираше заради сумата од над милион евра за нејзино поставување.
„Мостот кај Хром и мостот ‘Близнак’ чинеа 1.500.000 евра. Значи 1,5 милиони евра за два моста, а денес – два милиони евра само за ограда на мост. Каде отидоа парите од граѓаните?“, праша градоначалникот Жерновски во 2014 година.
Договорот за изработка и монтажа на оградата на мостот „Слобода“ беше склучен во мај 2012 година. За оградата од ковано железо и за канделабрите на компанијата „РЖ Институт“ од Скопје и на белградската леарница „Јеремиќ“ им беа исплатени 70.173.420 денари, односно околу 1.1 милиони евра.
Дополнителни финансиски средства се потрошија за санација на тротоарите и на конструкцијата на овој инфраструктурен објект, како и на изведба на идното осветлување на мостот.
Автори на идејниот проект за милионската ограда се уметниците Константин Јанев и Маријан Камиловски.