База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Новиот објект на НБРМ е лоциран на улицата „Филип Втори“, веднаш зад новата зграда на Министерството за надворешни работи.
Градежното земјиште и е доделено на НМБРМ на трајно користење од страна на Владата на седницата одржана на 3 јануари.
Новата локација Народна банка ја доби откако претходно ја врати доделената парцела пред зградата на „Лумикс“ на плоштадот „Македонија“.
Според најавите новата зграда на НБРМ ќе биде изведена во стилот на објектите карактеристични за „Скопје 2014“, со столбови, скулптури и псеудо - класичен архитектонски израз. Градежниот проект го изработи Друштво за градежништво,проектирање,инженеринг,трговија и услуги ЛОУ ТЕК ДООЕЛ Скопје врз основа на идејното решение на архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов. Двајцата автори ги потпишуваат и идејните решенија на повеќе фасади во централното градско подрачје, измената на изгледот на Министерството за правда, фасадата на објектот Пелагонија како и деловната зграда на АД ЕЛЕМ.