Осветлувањето на новите споменици, објекти и фонтани, нивното обезбедување и тековното одржување е ставка во рамките на проектот „Скопје 2014“ којашто постојано ќе расте.
Во оваа сума спаѓаат и неспецифични, како и неспецифизирани трошоци, како што е нарачка за леење на споменици во која не е внесено за кои споменици станува збор, поправки и интервенции на веќе изградени објекти или поставени споменици или пак, набавка на систем за одбивање на птици од спомениците и скулптурите.
Досега за таа намена од буџетите на општина Центар и Град Скопје се одвоија над два милиона евра, според достапните документи.
Но, имајќи предвид дека амортизацијата на објектите, уништувањето на спомениците, пукнатините и физичкото обезбедување не се еднократни потфати, логично е да се очекува цената за нив, постојано и континуирано да ја зголемува сумата која е наменета на одржувањето на концептот на „Скопје 2014“.
Осветлувањето на новите објекти, но и на зградите, има за цел да го комплетира впечатокот за градот кој е вткаен во идејата на измена на градот.
Со осветлувањето се започна во 2011 година кога беше поставена илуминација на спомениците на Гоце Дечлев, Даме Груев, Ченто, лавовите и споменикот на Гемиџиите, а потоа и зградите во централното градско подрачје.
Спомениците, фонтаните и секој од капиталните објекти во рамките на проектот, Стариот театар, Археолошкиот музеј, Министерство за надворешни работи и други, имаат посебна илуминација.
По промената на власта во општина Центар во 2013 година, советниците побараа Град Скопје да ја преземе обврската за одржувањето и чувањето на спомениците кои се дел од „Скопје 2014“. Тогаш беше речено дека општина Центар за одржување на спомениците, не вклучувајќи ги плоштадите, има годишен трошок од околу 225 илјади евра, а за физичко обезбедување на спомениците од општинската каса требало да се исплатат 60 илјади евра.