Поставувањето на камен темелникот на Антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции на територијата на Македонија свечено беше одбележан во октомври 2013 година, во присуство на премиерот Никола Груевски.
Антенската кула со футуристички изглед, чиј инвеститор е Агенцијата за електронски комуникации, треба да биде готова за 5 години, во 2018 година.
Овој објект ќе биде највисок во државата, 155 метри, со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 квадратни метри. Тој ќе има и челично решеткаст столб, а на врвот антена.
Кулата ќе биде повеќе од двапати повисока од Милениумскиот крст, двапати повисока од зградата на МТВ, но и повисока од новите висококатници во населбата Аеродром.
Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи. Со тоа е планирано да се намалат можностите од појава на разни пречки.
„Поради својот специфичен изглед сметаме дека кулата ќе биде симбол за АЕК и од тие причини Агенцијата го редизајнираше своето лого во кое сега е ставен и новиот објект по кој веруваме дека со тек на времето ќе биде препознатлив и Градот Скопје“, изјави во 2013 година Роберт Ордановски, директор на АЕК, додавајќи дека „модерниот изглед на самата конструкција го прави уникатен на овие простори и неспоредлив со антенските системи кои постојат во нашата околина“.
Изведувач на градежните работи е градежното друштво „Гранит“. Основниот проект го изработи бирото „Билд“ според идејното решение од „Стоун Дизајн“, додека ревизијата на проектот ја изведе „Балкан консалтинг“.
Вредноста на договорите изнесува околу 18,5 милиони евра.