База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Новиот административен објект што се гради на местото на некогашниот Геолошки завод на улица „Бихаќка“, е во доминантниот архитектонски израз на „Скопје 2014“.
Идејниот и основниот ревидиран проект за оваа зграда, која е именувана како Палата „Емануел Чучков“ ја подготви фирмата за инженеринг и градежништво „Архитектоника“ од Скопје, според идејното решение на Жарко Чаушевски.
Новото барокно здание се состои од приземје и шест ката и ќе биде високо 25 метри. Во него ќе се сместат Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Клучната аргументација за овој објект е потребата на државните институции да имаат свој простор за да не се одлеваат средствата од буџетот за закуп.
На поставувањето на камен - темелникот во 2014 година, присуствуваше премиерот Никола Груевски кој рече дека новата зграда ќе претставува уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола.
Планираниот административен, деловен и комерцијален простор ќе биде со површина од над 8 илјади квадратни метри. Тој веќе чини над 7 милиони евра, а предвидено е да биде завршен во 2016 година.