База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Реконструкцијата и надградбата на зградата на Министерството за траспорт, на влезот на Старата чаршија, на плоштадот „Филип Втори“ е во завршна фаза.
Промената на надворешниот изглед, со што овој објект на модерната ќе премине во барок е со цел тој да се вклопи со новите споменици поставени во проектот „Скопје 2014“.
За таа цел е предвидено на фасадата на новата зграда на Министерството да бидат поставени скулптури, релјефи и други декоративни елементи.
„На фасадата од северозападната страна ќе бидат поставени вкупно 10 скулптури на кота од 12 метри по должина на објектот“, соопштија во мај 2015 година од Министерството.
Реконструкцијата доцни поради проблеми со статиката, инаку таа требаше да биде готова до крајот на 2013 година. Пролонгирање имаше и поради проблеми со темелите на објектот.
Досега зградата доби нов главен влез, приземје со влезен хол, пријавница за чекање и два лифта за движење на горните катови, а надградена е и за дополнителни два ката.