Идејата за Градска плажа по должината на реката Вардар во медиумите се посочува како еден од промашените проекти на „Скопје 2014“.
Изградбата на првата Градска плажа на реката Вардар официјално наречена „Парк“ почна во јуни 2010 година.
Истата година, веднаш по првата, најавена е изградба и на втората плажа „Камени мост“ која беше пуштена во употреба во 2011 година.
Според плановите, просторот на кејот од левата страна на Вардар, т.е. од Градскиот парк па сѐ до Камениот мост, веднаш под новиот театар требаше биде покриен со песок, со дрвени платформи и лежалки, столови и маси, што и беше случај во првиот период од пуштањето во употреба на плажите.
„Овој проект го реализиравме поттикнати од идејата на скопјани да им овозможиме културно собиралиште, софистицирано заживување на кејот, рекреација, освежување и забава во текот на летните денови и да го вратиме имиџот на левиот брег на кејот на реката Вардар“, рече на отворањето на една од плажите градоначалникот Коце Трајановски.
Меѓутоа, градските плажи денес се далеку од најавите и бомбастичните изјави искажани на нивото отворање. Градската плажа во центарот на Скопје, кај Камен мост, воопшто не функционира и е претворена во градилиште поради плановите за градење на Градското тркало, а другата, кај Градски парк, ни оддалеку не остава впечаток на функционален простор за освежување на жителите на Скопје.