База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Изградбата на катната гаража „Смилевски конгрес“, кај Музејот на холокаустот, е почната во февруари 2013 и сѐ уште не е пуштена во употреба.
„На почетокот на градбата имавме мал застој во работењето поради непредвидени подземни инсталации, бидејќи нема подземен катастар, а беше решено и прашањето за влезот во Музејот на холокаустот", изјави во октоври 2014 Цветко Грозданов, генерален директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое е инвеститор на објектот.
Станува збор за проблем со преместување на електричен кабел кој се појавил при ископувањето на градежната јама, поради што со изведувачот на работите, италијанската фирма „Ламоне Мореда“ е склучен анекс на основниот договор во висина од околу 221.000 евра.
Објектот се гради на површина од над 10 илјади квадратни метри и освен 169 паркинг-места, ќе има и деловен простор. Според проектот, катната гаража ќе има модерна стаклена фасада.