База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Летниковецот е објект на плоштадот „Македонија“ претставен во рамките на видео презентацијата на „Скопје 2014“ во февруари 2010 година.
Во летниковецот е поставена скулптурата „Вљубени“ на која се претставени машка и женска фигура. Скулптурата „Вљубени“, дело на авторката Валентина Стефановска, е излиена од бронза и е висока околу еден метар.
Летниковецот кој е поставен пред зградата на „Телеком“ е направен во кружна форма според идејното решение на проектантската куќа „Мегарон“, а градежните работи ги изведуваше „Бетон“.
Изработен е од армиранобетонска конструкција обложена со мермер, а временскиот период за неговата изградба траеше околу 7 месеци.
Смислата и намената на овој украсен објект на плоштадот е често пати посочувана како аргумент за лошото планирање на проектот „Скопје 2014“. Иако првично беше најавен како место за одмор, сега тој се гледа како место каде што младите брачни двојки се сликаат непосредно по регистрацијата во матичната служба.