База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Петметарскиот споменик на Неџат Аголи требаше да биде поставен во центарот на Скопје, на плоштадот „Македонија“ наместо во септември 2014 е поставен летото во 2016.
Поставувањето на овој, како и на другите споменици на албански дејци што се дел од проектот „Скопје 2014“, се резултат на коалициски договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
Инцијативата за одобрување на спомениците на Неџат Аголи, Пјетер Богдани и Јосиф Багери, ДУИ ја поднесе до советниците на општина Центар во јуни 2010. Тие беа одобрени во октомври истата година, но поставени се во мај 2016 година.
Со овој споменик е поврзана анегдотата со пратеникот на ДУИ Артан Груби кој постави своја слика пред споменикот на Методија Шаторов - Шарло, мислејќи дека се слика пред статуата на Аголи.
Автор на идејното решение е скулпторот Исмет Рамичевиќ. Тој е првонаграден на конкурсот на кој се доделени три награди.
Првата од 200.000 ден. ја добива Исмет Рамичевиќ, втората од 120.000 денари Невзат Бејтули, а третата од 60.000 денари Перо Кованцалиев.
Аголи бил правник, комунист и партизан, прв министер за социјална политика во Македонската влада по крајот на Втората светска војна, но 1948 бил уапсен и осуден на затвор каде што починал.