Новата зграда на владината Служба за општи и заеднички работи и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги е лоцирана во некогашниот парк спроти хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје.

Административната зграда со приземје, осум ката и поткровје, во која треба да се сместат вработените од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на Владата, почна да се гради во октомври 2013 година.

Изградбата започна неколку недели по задушувањето на протестите за зачувување на тогашниот парк, со насилно отстранување на „паркобраните“ и расчистување на теренот во присуство на специјалната полиција во три часот наутро.

Пред неговото уништување, просторот до хотел „Бристол“ долг период претставуваше мини парк со спомен–обележје за скопскиот земјотрес од 1963 година.

Дизајнот на објектот е дело на авторите Жарко Чаушевски и Никола Стакинов. Според опозицијата, за градење на објектот токму на тоа место решавал самиот премиер Груевски.

По завршувањето на фасадата, ќе треба да се одвојат дополнителни средства за внатрешно уредување на административните простории и за нивно опремување.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
4.630.738 €
Вредност во денари:
284.790.400 ден.
Вид на објект:
Зграда
Статус:
Завршен
Документација:
Преземете документи

Местоположба на објектот