База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Спомен-обележјето, кое го симболизира одржувањето на Првото заседание на АСНОМ е поставено во март 2012 година во паркот „Жена-борец“ спроти Собранието.
Композицијата, изработена во бронза, е составена од 10 скулптури од кои три се во седечка позиција со димензии од 3,20 метри и седум во стоечка позиција со димензии од четири метри.
Тие ги претставуваат учесниците на АСНОМ, првото Собрание на Република Македонија: Бане Андреев, Методија Андонов - Ченто и Михајло Апостолски,Кирил Петрушев, Емануел Чучков, Панко Брашнаров, Тихомир Милошевски и Тодор Стојанов - Ѕвездин, Киро Глигоров и Веселинка Малинска.
Скулптурите се поставени на постамент обложен со камен и 10 релјефи во бронза. На предниот дел се поставени релјефи од манастирот „Прохор Пчињски“ каде што е одржано заседанието, на една плоча е напишано „АСНОМ 1944 година“, а на другите релјефи се претставени случувањата во манастирот и околу него.
Автор е Слободан Милошески, кој на свеченото откривање изјави дека работата на спомен-обележјето била предизвик.