База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Скулптурата „Градска плажа“ или „Капачка“ е поставена во самата река под Камениот мост, каде што била некогашната плажа за старите скопјани и претставува жена како скока во водите на Вардар.
„Со скулптурата на жена-капачка сакавме да се надоврземе на идејата за ревитализација на поранешната плажа покрај кејот на Вардар“, изјави за медиумите авторот Дарко Дуковски кој идејата ја развил заедно со својата сопруга Елена.
Станува збор за скулптура која е дел од првичниот бран на проектот „Скопје 2014“ во чии рамки стручна комисија на конкурс одбра триесетина идејни решенија за уметнички дела кои се поставени во централното градско подрачје.
Претседател на комисијата бил архитектот Митко Хаџи-Пуља, а членови скулпторите Гоце Наневски и Васил Василев, државниот секретар во Министерството за култура, Билјана Ќулафкова, како и Светлана Хаџи Гогова.
Во согласност со условите на конкурсот, избраните автори се наградени со по 30.000 денари, а дополнително им се доделени и средства за материјалот за изведба.
Дуковски за скулптурите „Градска плажа“ и „Бик“ добил нешто над 50.000 евра.
„Градска плажа“ е една од скулптурите од првичниот бран на „Скопје 2014“ која не е дислоцирана и сѐ уште се наоѓа на истото место каде што е поставена, во водите на реката Вардар.