База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Композицијата „Луѓе-птици“ на Иван Ивановски ја сочинуваат две скулптури кои стојат на двата столба од некогашната Бурмали џамија.
Ваквата уметничка интервенција врз столбовите на Бурмали џамијата која датира од 15 век, предизвика реакции во јавноста и барања таа да биде отстранета, бидејќи остатокот од џамијата претставува културна вредност што треба да биде заштитена.
„Мислам дека со поставувањето на скулптурите на столбовите не им е одземено историското значење и вредноста. Јас сакам скулптурите да стојат горе и околу тоа немав никаков проблем“, одговори авторот Ивановски на таквите повици.
Ивановски е еден од 26 избрани автори на конкурсот на Министерството за култура за поставување 35 скулптури во централното градско подрачје, објавен 2008 година, кои беа поставени во текот на 2009 и почетокот на 2010, како дел од проектот „Скопје 2014“.
Скулптурите на две голи човечки фигури на вајарот Иван Ивановски, едната во цел раст, а другата во клекната положба, кои стојат една наспроти друга, се изработени од полимермер.
Покрај сумата за нивна изработка, авторот добил и парична награда од 30.000 денари.