Скулптурите на пешачкиот мост „Око“ подоцна преименуван во „Мост на цивилизациите“, претставуваат личности од чие време има археолошки пронајдоци на почвата на Република Македонија и чие дејствување оставило белег на овие простори.

Па така, на мостот се ставени скулптури на кралевите Пердика Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, царевите Гаврил Радомир, Иван Владислав и Стефан Душан.

Скулптурата на цар Душан предизвика криза во владејачката коалиција и обид за насилно уривање на статуата од страна на претставниците на владејачката ДУИ кон крајот на 2013 година.

Тоа ја отвори дебатата кој, всушност, ја нарачал статуата на српскиот цар, за која Министерството за култура тврдеше дека не е надлежно, по што општина Центар формира комисија за да се утврди вистината.

Комисијата утврди пропусти и 12 нелегално поставени споменици без одобрение на општината, меѓу кои е и скулптурата на Душан.

Според конкурсот за идејни решенија од 2010 година, изборот на личностите им беше оставен на самите автори кои конкурираа.

„Учесниците на конкурсот имаат слобода при определување на личностите што треба да бидат претставени со скулптури“, соопштија претставниците на раководството на општина Центар во 2010 година. Во конкурсот беше наведено и дека еден автор може да понуди најмногу десет предлози.

За изработка на скулптури се избрани предлозите на девет автори, од кои, најголем број - седум, се на Валетнина Стевановска. На сите прифатени автори им е исплатен хонорар за изработка од 15 илјади евра по скулптура и сите се леени во српската леарница „Јеремиќ“.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
648.740 €
Вредност во денари:
39.897.500 ден.
Вид на објект:
Скулптура
Статус:
Завршен
Документација:
Преземете документи

Местоположба на објектот