База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Реконструкцијата, доградбата, адаптацијата и надградбата на зградата на Парламентот започна во 2010 година, а заврши во октоври 2016.
Со градежниот зафат изградени се дополнителни 4 илјади квадратни метри, во кои спаѓаат и 100 простории наменети за пратенички канцеларии.
Изградени се и шест сали за седници на комисиите кои ќе бидат опремени со по две простории за преведувачите и соба за техника.
Со постојните 4 сали, вкупниот број на простории кои се на располагање на овие собраниски тела ќе изнесува 10, односно секоја сала е наменета за заседавање на две конкретни комисии.
Протоколарната сала сместена под големата купола, со дијаметар од 32 метри и височина од десет метри, е повеќенаменска, главно ќе се користи за меѓународни средби и собири, а располага со околу 200 седишта. Салата е со површина од 600 квадратни метри.
За македонските пратеници е опремена и фитнес-сала, сместена во сутеренските простории од десната страна на главниот влез.
Остварувањето на проектот за санација и надградба на овој објект чини повеќе од 20 милиони евра.