База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на свети Климент Охридски е поставен во средишното зеленило на истоимениот булевар, спроти Соборниот храм во Скопје, во декември 2010 година.
Споменикот е изработен во бронза и е висок околу 4,5 метри, а е поставен на постамент од 1,2 метри.
Авторот Томе Серафимовски е избран на јавен конкурс како првонаграден со 300.000 денари. Втората награда му е доделена на Никола Тасевски, 200.000 денари, третата од 100.000 денари на Војдан Запров, а со по 50.000 ден. се наградени Филип Даскаловски и Слободан Милошевски.
Согласно практиката на самиот автор кој во рамките на проектот „Скопје 2014“ има изработено неколку дела, во склучениот договор со општина Центар се подразбираат и другите трошоци за изработка на споменикот: леење, транспорт, набавка на материјали, закуп на простор, хонорари за соработници.
Серафимовски е автор и на споменикот на Свети Климент во Охрид.
„Со задоволство го работев споменикот на свети Климент како ја благословува Библијата. Ова е споменик што е различен од оној во Охрид и ми беше голема чест и задоволство токму јас да го изработам“, изјави Серафимовски при поставувањето на споменикот во Скопје.