База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Бронзените скулптури на два лава излени во бронза на западниот приод на мостот „Гоце Делчев“, се поставени во август 2010 година.
„Лавот е македонски симбол кој се провлекува во нашата историја уште пред нашата ера. Мојата замисла беше да го претставам лавот во реалистична положба и стражарски“, изјави Дарко Дуковски кој, заедно со сопругата Елена, го потпишува и овој објект од Скопје 2014.
Дарко и Елена Дуковски за прва награда на јавниот конкурс добиле 3.000 евра и авторски хонорар од 15.000 евра.
Самите скулптури на лавовите се високи пет метри и тежат по пет тони. Постаментите на лавовите, изработени од фирмата „Бетон“, се високи по 3,5 метри и на нив има релјефи со историски личности од ајдутскиот и од комитскиот период.
Леењето на релјефите за овие два и за следните два поставени лава на мостот се посочува во Вториот извештај за Скопје 2014 на Слаѓана Тасева и на Драган Малиновски, изготвен како проблематична исплата која го оштетила буџетот на општината.
Имено, во тендерската документација за лиењето на релјефите на четирите лава предвидена е вкупна површина од 74 квадратни метри, а излеени се 17,84 квадратни метри помалку, со што општина Центар, според извештајот, била оштетена за 133.800 евра.