Споменикот на Христо Татарчев е поставен во април 2013 година во ист ден со уште неколку други, веднаш по локалните избори.

Покрај Татарчев и Шатев пред Порта „Македонија“, на други локации се поставени и скулптурите на Кузман Јосифовски Питу, Христо Узунов, Борис Сарафов и Васил Чакаларов, потоа скулптури на историски личности на мостот „Око“, како и скулптурите на св. Богородица, св. Петар и Павле и св. Никола на плоштадот „Пресвета Богородица“.

Ваквата споменична „инвазија“ во јавноста се поврзуваше со извесното губење на приматот на владејачката ВМРО ДПМНЕ во општина Центар каде што кандидатот, дотогашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ загуби од кандидатот на опозицијата Андреј Жерновски, што беше потврдено и по неколкуте повторени гласања во оваа општина.

Споменикот на Татарчев не е предвиден во видео презентацијата на „Скопје 2014“, но со дополнувањето на Програмата за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја на општина Центар, тој е внесен на списокот, заедно со спомениците на Чакаларов, Шатев, Христо Узунов и Кузман Јосифовски Питу во 2011, на иницијатива на Министерството за култура.

Советниците на општина Центар, на чело со тогашниот градоначалник Тодоровиќ, ја прифатија иницијативата на седницата одржана десет дена подоцна.

Јавната набавка за Татарчев е спроведена со уште два споменика, на Шатев и Кузман Јосифовски - Питу и ја добива италијанската леарница „Гуастини“.

Договорот со авторот Валентина Стевановска избрана на јавен конкурс и во случајот на споменикот на Татарчев, како и во случајот на други споменици во надлежност на општина Центар, вклучува и авторски хонорар, но и останати трошоци, на начин кој не овозможува никаква проверка на договорената цена. Авторскиот договор на Стевановска за споменикот на Татарчев изнесува 84 илјади евра.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
242.177 €
Вредност во денари:
14.893.888 ден.
Вид на објект:
Споменик
Статус:
Завршен
Документација:
Преземете документи

Инвеститори и изведувачи

Местоположба на објектот