Според плановите, вклучувањето на Градскиот трговски центар во концептот на „Скопје 2014“ подразбира негово целосно затворање, нова фасада, изградба на уште еден кат, изградба на куполи и поставување скулптури на покривот.

Изведбениот проект се подготвува врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов.

Намерата за интервенција на објектот кој е препознаен како симбол на градот ја обедини стручната и општата јавност во артикулирање на отпорот кон целата идеја за барокно Скопје.

Градскиот трговски центар - ГТЦ во својата изворна форма е споменик на модерната, преку неговата функционалност и чиста форма, со успешно решавање на еден од најголемите предизвици на архитектурата, објектот (во овој случај станува збор за објект од 38 илјади квадратни метри), да не се наметнува туку да се вклопи во своето окружување.

ГТЦ, изграден во 1971 година се надоврзува на плановите на Кензо Танге за урбанистичкиот план на постземјотресно Скопје не само на предвидувањето на трговски центар на таа локација туку и со неговите кровни тераси е подготвен за идно реализирање на идејата за негово поврзување со Градската порта и железничката станица преку пешачки мост.

Во неколкуте децении од своето постоење, објектот на ГТЦ на тимот предводен од архитектот Живко Поповски открива и други интересни начини на користење на просторот: собирањето пред „Ванила“, изведувачите во коридорите, турнирите за шах во паркот, скејтањето, тренирањето на паркур и рампите како најзабавните игралишта за децата.

Оттаму и најавите за негово менување и фасадирање во барок покренаа лавина негативни реакции обединети во неформалното движење „Го сакам ГТЦ“, кое спроведе голем број акции, а во 2015 и референдум за спречување на менувањето на објектот.

Референдумот не беше успешен, но архитектите, активистите и граѓаните обединети во акцијата не се откажуваат од отпорот кон намерата за менување на објектот за кој велат дека е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
230.244 €
Вредност во денари:
14.160.000 ден.
Вид на објект:
Фасада
Статус:
Незавршен
Документација:
Преземете документи

Местоположба на објектот