База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Катната гаража „Тодор Александров“ на улица „Даме Груев“ спроти полициската станица „Беко“, е пуштена во употреба со една година задоцнување на 8 септември 2015.
Проектот за катната гаража на улицата Даме Груев е на Градежниот институт „Македонија“ А.Д. – Скопје (главен проектант Љубин Макаровски), за што покрај основниот договор Институтот потпишува и два договора за дополнителни услуги во 2010 и 2011 година.
Првично за изградбата на оваа катна гаража градот склучи договор со градежната компанија „Конструктор инжинеринг ДД Сплит“, која почна да ја гради во 2011 година.
Подоцна градот го раскина договорот, бидејќи компанијата не ги исполни роковите за изградба. До раскинувањето на договорните обврски со „Конструктор“, врз основа на дотогаш извршените работи на извршителот, градот му исплатил вкупно 55.732.410 денари.
На меѓународен тендер како понудувач со најниска цена е избрана градежната компанија „Бетон“ АД Скопје. Покрај основниот договор за градба Бетон склучува и два дополнителни договори, еден за непредвидени работи, еден за дополнителни работи, како и договор за изградба на пристапна сообраќајница до катната гаража.
Катната гаража, висока 23 метри, се состои од две подземни и седум надземни нивоа. Капацитетот за паркирање во неа ќе изнесува 605 автомобили и 105 велосипеди.