Споменикот на Александар Македонски, официјално „Воин на коњ“ е парадигма на целиот потфат наречен „Скопје 2014“.

Станува збор за монументален споменик, во бронза и мермер, со фонтани и скулптури поставен во епицентарот на градот, во самото средиште на плоштадот „Македонија“.

Неговата цена, естетиката и социо-политичкиот аспект се речиси неодминливи во сите анализи и реакции на проектот „Скопје 2014“.

Првото решение за објавување на одлуката за отпочнување постапка за подигање на споменик на Александар Македонски е донесено од Совет на општина Центар во 2006 година од Виолета Аларова. Во решението за јавна набавка за изработка на идејно решение стои дека ќе бидат потребни средства од 2 милиони денари, обезбедени од буџетот на општина Центар за 2007 година.

Договорот со единствениот кандидат на огласот за лиење на споменикот, италијанската леарница „Маринели“, пак, е направен на повеќе од 4,5 милиони евра.

Автор на „Воинот на коњ“ е дотогаш релативно непознатата Валентина Стевановска. Висината на нејзиниот хонорар, пресметката на трошоците која е непосредно договарана со општина Центар со воопштени формулации без наведени спецификации, не овозможува никаква проверка на потребните и потрошените средства, на што укажуваат и ревизорите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, во ревизијата на процедурите и трошоците на општина Центар во проектот „Скопје 2014“.

Договорот на Стевановска во износ од 649 илјади евра подразбира: авторски хонорар, материјали, работници, простор, моделирање, лиење во гипс, лиење во полиестер, транспорт на гипс, транспорт на глина, изработка на конструкции.

Самата авторка вели дека нејзиниот авторски хонорар е десет пати помал: „Коњаничката скулптура на Александар Македонски од 14,5 метри до мечот, осум војници од три метри, два лава од 2,5 метри, релјефи од 225 квадратни метри со длабочина до 20 сантиметри, а тоа значи како да сум изработила цели фигури на релјефот, затоа што е голема длабочината и сето ова го работев за 65.000 евра хонорар“, изјави таа во 2013 година.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
8.280.282 €
Вредност во денари:
509.237.358 ден.
Вид на објект:
Споменик
Статус:
Завршен
Документација:
Преземете документи

Инвеститори и изведувачи

Местоположба на објектот